19.5.2017 Ново правило во Премиер лигата – казна за симулантите!
Новото правило во Премиер лигата на сила би можело да стапи уште од наредната сезона, а нема сомнение дека ќе им се допадне на сите љубители на фудбалот.
ФА планира од наредната сезона во елитниот ранг на англискиот фудбал да воведе правило според кое ретроактивно ќе се санкционираат фудбалерите коишто ќе бидат фатени во симулирање.
Англичаните се обидуваат да го искоренат сè почестото драматизирање кај фудбалерите и на тој начин да им помогнат на судиите.
Во текот на минатите сезони беа донесени многу сомнителни одлуки од страна на арбитрите, голем дел и поради добро завршената работа од страна на самите играчи.
Некои толку ги усовршиле своите актерски способности, што судиите речиси е невозможно на теренот да проценат дали станува збор за симулирање или навистина дошло до контакт меѓу двајцата фудбалери.
Тоа често го убиваше самиот шарм на фудбалот, одлучуваше натпревари, па во Англија решиле на таквите работи да им застанат на патот.
Сомнителните ситуации од фудбалските терени ќе бидат прегледувани од тројца експерти, најверојатно поранешни фудбалски арбитри, фудбалери и тренери. Тие снимките ќе ги прегледуваат откако ќе заврши едно коло во Премиер лигата, па потоа ќе донесуваат одлуки за евентуални санкционирања.
Се проценува дека казната за играчот фатен во симулирање би можела да биде забрана за играње до два натпревари.