27.5.2017 Забалета потпиша за Вест хем
Долгогодишниот бек на Манчестер сити, Пабло Забалета, следната сезона ќе го носи дресот на Вест хем.
Триесет и двегодишниот Аргентинец како слободен играч потпиша за „чеканите“ откако му истече договорот со Манчестер сити.
Забалета со лондонскиот премиерлигаш потпиша двегодишен договор по девет минати сезони на „Етихад“ и стана прво засилување за Вест хем за наредната сезона.
Аргентинскиот дефанзивец одбил неколку понуди од Англија и од Шпанија, а за десната бековска позиција ќе се бори со Сам Бајрам.
„Задоволство е што ќе играм за Вест хем. Се надевам дека ќе ви донесам многу добри моменти. Сакав да останам во Премиер лигата, долго сум овде и подготвен сум за нов предизвик“, изјави Забалета.
Аргентинецот во 2008 година од Еспањол прејде во Манчестер сити за кој одигра повеќе од 300 натпревари и исвои две шампионски титули.
„Понекогаш нов предизвик е потребен за фудбалерот. Почувствував дека моето време во Сити е завршено. Беа тоа фантастични девет години, целосно брилијантни. Сити ми даде шанса да дојдам во оваа неверојатна лига“, додаде Забалета.