27.5.2017 Арсенал против шампионот за спас на сезоната
Денес на „Вембли“ ќе се игра 136-тото финале во најстарото фудбалско натпреварување во светот – англискиот ФА Куп.
За трофејот ќе се борат лондонските ривали Челзи и Арсенал. „Топчиите“ се надеваат дека сезоната за заборав може да ја спасат доколку по рекорден 13-ти пат го освојата ФА Купот, но јасно е дека како и да заврши финалето главна тема на преодниот рок ќе биде судбината на нивниот менаџер Арсен Венгер.
Челзи сезонава убедливо стигна до титулата во Премиер лигата и сега ја сака првата двојна круна од 2010 година, а доколку го освои пехарот, тоа ќе биде 15-ти голем трофеј откако Роман Абрамовиќ го купи клубот во 2003 година.
Арсенал има проблеми со одбранбените фудбалери. Лоран Кошчиелни е суспендиран поради црвениот картон во лигашкиот дуел со Евертон, Габриел заработи побреда на коленото и него ќе го замени заздравениот Пер Мертесакер. Последните информации се дека и Петр Чех се повредил на тренинг, па на голот ќе биде Оспина.
Кај Челзи постои дилема дали во нападот од стартот ќе заигра Диего Коста, кој е пред трансфер во Кина, или Мичи Батшуаји кој е во одлична форма во финишот на сезоната.
Честа да го суди финалето му припадна на Ентони Тејлор, а натпреварот е закажан за 18:30 часот.