Корисничко име Лозинка Пријави се
30.5.2017

Волфсбург се провлече – и следната година во Бундеслигата

Фудбалерите на Волфсбург и следната сезона ќе настапуваат во елитното германско фудбалско натпреварување бидејќи во втората средба од баражот за опстанок во Лигата го совладаа Ајнтрахт од Брауншвајг со 1-0 на гостински терен и со вкупен резултат од 2-0 славеа во двомечот.

Единствениот погодок на натпреварот е дело на Португалецот Виериња, кој во 49-тата минута, по големата гужва во шеснаесетникот на домаќините, дојде до одбиената топка и со силен удар ја испрати во мрежата на голманот Фејзиќ.
Ајнтрахт натпреварот го заврши со десетмина фудбалери, откако дефанзивниот играч Максимилијан Зауер доби втор жолт картон во 82-рата минута од средбата, по повлекувањето на противникот кој беше во продор.
Во тимот од Брауншвајг во стартните 11 беа босанскохерцеговкиот голман Јасмин Фејзиќ и словенечкиот играч за врска Ник Омладиќ.
Волфсбург регуларниот дел од Бундеслигата го заврши на третото место од дното на табелата со 37 бодови од 34 кола. Зад него беа пласирани екипите на Инголштад и на Дармштад, кои следната сезона ќе играат во втората лига.
Нови бундеслигаши во сезоната 2017/18 ќе бидат старите познаници на љубителите на германскиот фудбал – Штутгарт и Хановер.

 

Најнови вести