Корисничко име Лозинка Пријави се
30.5.2017

Хадерсфилд во елитата по 45 години

Се знае последниот учесник во Премиер лигата за сезоната 2017/18. Хадерсфилд во финалето на плејофот за пополнување на Премиер лигата успеа да го победи Ридинг дури по подоброто изведување на пеналите и се пласира во елитата за прв пат од 1972 година.

Значењето на натпреварот, кој англиските медиуми го нарекоа најскап натпревар во светот, бидејќи победникот покрај пласманот во Премиер лигата, може да смета и на добивка дури од 200 милиони евра, влијаеше на двете екипи. И Хадерсфилд, кој 45 години чека на учество во елитниот ранг, како и Ридинг, кој од клупата го води Јап Стам, во прв ред гледаа да ја сочуваат нивната мрежа. Во таквата ситуација, најдобра шанса во првото полувреме имаше Ајзаја Изи Браун, кој од два метра не успеа да ја затресе мрежата на Ридинг.
Тој момент како уште повеќе да ги стегаше фудбалерите на двете екипи и само како да се чекаше да дојде до пенали. Немаше поголеми шанси ниту во второто полувреме, ниту во продолженијата и се пристапи кон изведување на пеналите.
Во првата серија сигурни беа и Керморгант и Лоу. Вилијамс го доведе Ридинг во предност од 2-1, а ударот на Хефеле го одбрани Ал-Хабси. И по третата серија Ридинг имаше минимална предност бидејќи Кели погоди, како и Велс. А потоа во четвртата серија Мур ја удри топката високо преку пречката и му даде шанса на Хадерсфилд да изедначи, што и го направи со погодокот на Муј. Првиот пенал во петтата серија го изведе Обита за Ридинг, но неговиот удар го прочита Дени Ворд. Овој подарок Германецот Кристофер Шиндлер со радост го прифати и не ја пропушти шансата да погоди пенал, кој на неговиот клуб му донесе голема, историска победа.
Со овој триумф, единствениот англиски клуб чии сопственици се Германци успеа да дојде до огромни финансиски средства, коишто неминовно ќе му помогнат да биде што поконкурентен во Премиер лигата, каде што се врати таму каде што беше пред 45 години, натпреварувањето кое во некои дамнешни времиња го освои три пати, во периодот од 1923 до 1926 година.

Најнови вести