Корисничко име Лозинка Пријави се
03.6.2017

Кардиф во фокусот: Напад или одбрана, Роналдо или Буфон?

Реал Мадрид и Јувентус ќе се борат за шампионската титула на Европа вечерва од 20.45 часот во Кардиф.

Кралскиот клуб ќе ја брани титулата, а до новото финале стигна со осум победи и само еден пораз на 12 натпревари и гол-разлика 32:17.
„Старата дама“ на 12 средби оствари девет победи без пораз и импресивна одбрана за гол-разлика 20:3.
Реал се бори за 12-тата шампионска титула на Европа, ќе се обиде да стана првиот тим кој го одбранил трофејот од основањето на Лигата на шампионите, додека Јувентус ќе игра за неговата трета круна.
Финалето меѓу Реал и Јувентус во Кардиф е реприза на финалето на Лигата на шампионите од 1998 година, кога Предраг Мијатовиќ со голот во 66-тата минута во Амстердам им ја донесе првата титула на „кралевите“ по 32 години.
„Натпреварот го чекаме мирни и во тишина. За ова работевме цела година и ќе направиме сè за да го донесеме трофејот дома. Нема да биде лесно, бидејќи Реал ја брани титулата, но знаеме што градевме оваа сезона и тоа ќе се обидеме да го прикажеме. Сè уште не сум донел одлука за составот на тимот, натпреварот може да трае 90 или 120 минути. Во последните три-четири месеци го променивме стилот на игра. Ако се обидуваш да победиш во 90 минути, потребен ти е одреден систем на игра, но и измени. Морам да ги разгледам двете опции за да може мојот тим да биде остар“, изјави Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус.
Двата тима во финалето влегуваат како шампиони на нивните земји, додека Реал ја освои неговата прва во Шпанија по пет години, на Јувентус ова му е шеста во низата најдобри во Италија.
Јувентус последен пат играше во финалето на Лигата на шампионите 2015 година, кога изгуби од Барселона со 3-1.
Реал постигнуваше гол во последните 70 натпреварувачки дуели, а Јувентус прими само еден гол во шесте натпревари од нокаут-фазата.
Џанлуиџи Буфон, капитенот на Јувентус, изјави дека неговите фудбалери чувствуваат голем ентузијазам и дека не смеат да бидат исплашени пред финалето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид.
„Мораме да веруваме во себе во своите можности. Имаме самодоверба, но треба да останеме скромни. Кога ќе сфатите дека премногу чувствувате страв, морате да се обидете да го намалите, така што ќе размислите за тоа кои сте и за што сте всушност“, изјави Буфон на конференцијата за новинарите во Кардиф.
Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, изјави дека во финалето на Лигата на шампионите никој не е фаворит.
„Сите знаеме колкав е притисокот во Реал Мадрид. Ние секогаш сме фаворити, но во стварноста, во финалето нема фаворити. Не сме фаворити, но не е ниту Јувентус. Шансите се 50-50. Но, повторно сме во финалето и сè е можно. Оваа сезона завршивме многу работа. Ја освоивме титулата во Примера лигата и влеговме во финалето на Лигата на шампионите. Најважно е дека сите сме подготвени“, изјави Зидан.
„Ништо нема да менуваме. Ќе зборуваме за натпреварот и тоа е сè. Ништо не се менува, ништо не би требало да се менува. Ќе ги правиме работите онака како што секогаш ги правиме и ќе видиме“, изјави поранешниот фудбалер на Јувентус и на Реал.
Зидан изјави пофални зборови за неговиот клучен играч Кристијано Роналдо.
„Кристијано би бил ѕвезда да игравме заедно, бидејќи тој ги постигнува головите. Тоа е најважно, да се постигнат голови и да се спречат голови. Очекувам отворен натпревар. Живеев и играв во Јувентус и знам дека тие не играат само дефанзивно. Кристијано е добра личност, бидејќи се грижи за другите. Најважно е тоа што тој го работи професионално. Тој секогаш сака повеќе. Дури и на тренинзите сака да победи. Тој има нешто во себе, тој е роден водач, посебно на теренот“, изјави Зидан.

Најнови вести