Корисничко име Лозинка Пријави се
03.6.2017

Сензација: Вардар прегу големата Барселона во финале!

Македонскиот шампион ја победи Барселона со 26-25 во вториот полуфинален натпревар од Фајналфор во Келн и се пласираше во големото финале во кое утре ќе игра против ПСЖ.

Вардар го направи најголемиот успех во својата историја и се избори за пласман во големото финале на ракометната Лига на шампиони.
Лука Циндриќ во последната секунда на натпреварот го совлада Варгас за победа од 26-25 и за големо славје на теренот и на трибините во преполната сала во Келн. 
Вардарци нервозно го почнаа натпреварот и ѝ дозволија на Барселона да направи предност од три гола, но набрзо почнаа да ја играат препознатливата игра и се вратија резултатски, а на крајот на полувремето дојдоа и до водство од 13-12.
Во вториот дел се играше гол за гол, а феноменалниот Штербик не дозволи Барселона да направи поголема предност. Во израмнетиот финиш Барселона дојде до водство од 22-21, но вардарци не дозволија предноста да остане. Со голот на Циндриќ нашиот шампион имаше водство од 25-24 на 80 секунди до крајот, но Кире Лазаров израмни за каталонскиот гигант. 
Вардар го имаше последниот напад во кој одличната акција Циндриќ во последната секунда ja заврши со гол за сензационална победа на Вардар над актуелниот шпански шампион и најтрофејниот европски ракометен клуб.
Утре во 18 часот Вардар ќе се бори за европскотo злато против ПСЖ кој во првото полуфинале го победи Веспрем со 27:26.

Најнови вести