Корисничко име Лозинка Пријави се
04.6.2017

Вардар ракометен шампион на Европа!

Ракометарите на Вардар го остварија еден од најголемите успеси во историјата на македонскиот спорт и ја освоија ракометната Лига на шампиони на Европа.

Во финалето во Келн Вардар го победи ПСЖ со 24:23 со голот на Иван Чупиќ во последната секунда на натпреварот.
Вардарци водеа во поголем дел од средбата, но во вториот дел при водство од 20:17 ПСЖ успеа да дојде до израмнување 21:21.
Дибиров потоа реализираше еден контранапад и го врати македонскиот шампион во водство, а потоа и Вуко Борозна од десет метри му донесе предност од два гола.
Следеше драматичен финиш и Абало намали на 23:22, па Омеје го одбрани ударот на Дибиров, по што Нарсис на седум секунди до крајот постигна гол за израмнување.
Но, исто како и во полуфиналето против Барселона, Вардар победи на спектакуларен начин. Во последниот напад топката дојде до Чупиќ на десното крило, Генсхајмер не го спречи и Хрватот го постигна голот вреден европска шампионска титула за македонскиот тим и големо славење на бројните македонски навивачи во „Ланксес арената“ во Келн.
Најкорисен играч на завршниот турнир е голманот на Вардар, Арпад Штербик, за кого ова е четврта титула европски шампион.

Најнови вести