Корисничко име Лозинка Пријави се
05.6.2017

Раул Гонзалес: Момците покажаа огромна желба

Раул Гонзалес, тренерот на Вардар, изјави дека иако неговите ракометари биле изморени пред финалето, сепак желбата да го освојат трофејот на Лигата на шампионите била многу поголема.

Шпанскиот стратег Раул Гонзалес е најзаслужен за освојувањето на трофејот на Вардар, тој го создаде тимот кој вчера ѝ приреди огромна радост на Македонија.
„Немавме време за одмор колку што имаше ПСЖ, но играчите имаа голема желба, го дадоа максимумот од првата до последната минута и го направивме овој голем успех“, изјави Раул Гонзалез, тренерот на Вардар.
 „Можеби погрешив кога побарав тајм-аут бидејќи Кањељас даде гол од центарот, но не можев да го видам тоа, сепак на крајот добро се заврши“, додаде тренерот на екипата на Вардар.
 „Можеби имавме и малку среќа на овој турнир, но ние за овој момент работевме четири години, губевме во четврт-финале од Фленсбург, Кјелце, Веспрем, но сега успеавме да одиме до крај“, изјави Гонзалес.
Иван Чупиќ го постигна победоносниот гол и е херојот на Вардар од вчерашното финале. Тој изјави дека освојувањето на шампионската титула е само почеток на македонскиот тим кој прераснува во вистински гигант.
Хрватскиот ракометар го одбрани шампионскиот трофеј, кој лани го освои со Кјелце, а годинава со Вардар. Чупиќ изјави дека ова не е зенитот на македонскиот тим, туку дека неговото време допрва доаѓа.
„Верував во победа и тврдам дека ова не е крајот на Вардар, ова е само почеток. Успехот е неверојатен, знаевме дека имаме квалитет и знаевме дека треба да ги победиме најдобрите во Европа за да дојдеме до трофејот. Им честитам на сите кои се дел од овој успех“, изјави Чупиќ.

Најнови вести