Корисничко име Лозинка Пријави се
08.6.2017

Ливерпул се откажа од Ван Дајк

Фудбалскиот клуб Ливерпул му се извини на Саутхемптон, ривалот од Премиер лигата, поради наводите во врска со заинтересираноста за Вирџил ван Дајк.

Англиските медиуми пренесоа дека „црвените“ се договориле со дефанзивниот играч без знаење на „светците“, коишто најавија тужба.
„Жалиме поради медиумските шпекулации за наводниот трансфер. Им се извинуваме на сопственикот, на управата, на директорите и на навивачите на Саутхемптон поради недоразбирањето. Го почитуваме ставот на Саутхемптон и потврдуваме дека се откажавме од интересот за играчот“, се наведува во соопштението на Ливерпул.
Ван Дајк пред неколку дена за Би-би-си изјави дека сака да направи трансфер во Ливерпул, откако медиумите пренесоа дека тој е приоритет на Јирген Клоп, менаџерот на „црвените“.
Се шпекулираше за трансфер вреден 50 милиони фунти. Саутхемптон го доведе Ван Дајк во 2015 година од Селтик за 13 милиони, а за Холанѓанецот интерес наводно покажуваат уште Челзи и Манчестер сити.
Ван Дајк ги пропушти последните пет месеци во сезоната на Премиер лигата поради повреда.

Најнови вести