Корисничко име Лозинка Пријави се
09.6.2017

Милан не застанува – Родригес кај „росонерите“ до 2021 година

Рикардо Родригес, досегашниот фудбалер на Волфсбург, вчера потпиша договор со италијанскиот Милан до јуни 2021 година.

„Многу сум среќен што сум овде и што ќе играм за Милан. Еднаш играв на „Сан Сиро“ и не можам да дочекам повторно да го доживеам тоа чувство. Тоа е одличен стадион“, изјави Родригес, пренесуваат италијанските медиуми.
Според наводите на италијанските медиуми, Милан за неговиот трансфер платил 17 милиони евра.
Родригес во новиот клуб ќе го носи бројот 69, што е, како што изјави тој, годината кога се родила неговата мајка.
„Сакаме да дадеме сè во Лигата на Европа, да играме добро во Серија А и да се вратиме во Лигата на шампионите“, изјави швајцарскиот дефанзивен играч.
Родригес изјави и убави зборови за неговиот поранешен клуб.
„Сакам да му се заблагодарам на Волфсбург за неверојатните и многу успешни пет години. Доживеавме и постигнавме многу заедно. Се развив како играч и како личност. Меѓутоа, сега е време да направам нареден чекор во својата кариера. Милан е врвен клуб и голем предизвик за мене“, изјави 24-годишниот фудбалер.

Најнови вести