Корисничко име Лозинка Пријави се
11.6.2017

Шпанија замина со бодовите од Скопје

Македонската фудбалска репрезентација го претрпе петтиот пораз во шестото коло од квалификациите за Светското првенство, овој пат од Шпанија која рутински стигна до победа од 2-1.

Шпанија беше подобар противник во текот на целиот натпревар, нашите репрезентативци неколку пати во второто полувреме се заканија, но не успеаја да го изненадат големиот фаворит.
„Фуријата“ доминираше во првото полувреме и во речиси сите 45 минути имаше целосна контрола над играта. Првиот гол го постигнаа во 15-тата минута кога по асистенција на Алба, Давид Силва од десетина метри го измами Шиков и Димитриевски и постигна лесен гол за водство.
 Во 27-ата минута Иско се проби по десната страна во нашиот шеснаесетник и го проигра Диего Коста кој го погоди празниот гол за 2-0.
Во вториот дел македонските репрезентативци тргнаа поофанзивно, во игра влезе Елмас и тоа внесе енергичност во средниот ред.  
Во 66-тата минута брза контра: Пандев со петта го проигра Стефан Ристовски кој тргна сам од центарот, беше побрз од целата шпанска одбрана и од десната страна биеше силно под пречката на Давид Де Геа постигнувајќи прекрасен гол за намалување на 2-1.  
До крајот Македонија не успеа да создаде уште некоја посериозна шанса за израмнување на резултатот, па Шпанија ни го нанесе седмиот пораз во меѓусебните дуели.
Во другите натпревари од нашата група Албанија славеше на гости кај Израел со 3-0, а Италија со 5-0 го победи аутсајдерот Лихтенштајн.
По шест кола во Групата Г Шпанија е прва со 16 освоени бодови исто колку што има и Италија, Албанија е трета со девет бодови, толку има и Израел, а Македонија е претпоследна со три бода.

Најнови вести