Корисничко име Лозинка Пријави се
14.6.2017

Челзи одбраната на титулата ќе ја почне против Барнли

Фудбалерите на Челзи одбраната на титулата во Премиер лигата ќе ја почнат против Барнли, на 12-ти август на „Стемфорд бриџ“.

Најинтересен натпревар од првото коло ќе биде дуелот меѓу Манчестер јунајтед и Вест хем на „Олд Трафорд“, а интересно би требало да биде и во средбата меѓу повратникот во елитата Њукасл и лондонскиот Тотенхем.
Првиот викенд Арсенал ќе го дочека Лестер, Манчестер сити ќе гостува кај Брајтон, додека Ливерпул ќе гостува кај Ватфорд.
Новиот премиерлигаш Хадерсфилд по 45 години ќе го одигра првиот натпревар во елитниот ранг на англискиот фудбал, а како и во далечната 1972 година, повторно ривал ќе му биде Кристал палас.
Првото дерби на сезоната ќе се игра во второто коло, кога Челзи гостува кај градскиот ривал Тотенхем, додека во третото ќе се сретната Ливерпул и Арсенал. Веќе во следното коло „црвените“ ги очекува уште еден тежок испит, ќе гостуваат кај Сити на „Етихад“.
Второто големо лондонско дерби меѓу Челзи и Арсенал на програмата е во петтото коло, кога Јунајтед го дочека Евертон на „Олд Трафорд“.
Во седмото коло ќе се сретнат Челзи и Манчестер сити, додека Јунајтед првиот голем предизвик ќе го има дури во осмата седмица, на средината на октомври, кога гостува кај Ливерпул на „Енфилд роуд“.
Жозе Мурињо со неговите „црвени ѓаволи“ кај шампионот Челзи ќе гостува на четврти ноември, Јунајтед ќе го посети Арсенал на втори декември, а веќе седум дена подоцна на програмата е дербито на Манчестер, на „Олд Трафорд“.
Премиер лигата ќе заврши на 13-ти мај 2018 година, една седмица порано од завршувањето на минатата сезона бидејќи Светското првенство во Русија почнува на 14-ти јуни.


Премиер лига, прво коло (12-ти август):
Арсенал – Лестер
Брајтон - Манчестер сити
Челзи – Барнли
Кристал палас – Хадерсфилд
Евертон – Стоук
Манчестер јунајтед – Вест хем
Њукасл – Тотенхем
Саутхемптон – Свонси
Ватфорд – Ливерпул
Вест Бромич албион – Борнмут


За комплетниот распоред следете го следниот ЛИНК.

Најнови вести