Корисничко име Лозинка Пријави се
17.6.2017

Незаслужено висок пораз од Шпанија на дебито на ЕП

И покрај високиот пораз Македонија одигра добар натпревар против селекцијата на Шпанија која е главен фаворит на Европското првенство.

Младите македонски репрезентативци играа без респект кон големиот фаворит, имаше дури 24 обиди кон противничкиот голот и речиси беа рамноправени, но потфрли реализацијата, а тоа поискусните Шпанци знаеа  да го искористат.
Македонија тргна одлично, избраниците на Боби Милевски имаа иницијатива на почетокот и со удари од далечина на Велковски и Бабунски покажаа дека сакаат да се надигруваат. 
Но, Шпанија по својата прва посериозна шанса поведе. Саул Нигез во 10-тата минута биеше со ножички по центаршутот на Гаја, топката отскокна пред Алексовски и заврши во неговата мрежа.
Седум минути подоцна Асенсио од дваесетина метри со лоб точно во десниот горен агол погоди за водство на Шпанија од 2-0. 
Нашите репрезентативци имаа одлична шанса да намалат, но Аризабалага го одбрани ударот на Велкоски.
Неколку минути подоцна, Гаја повторно нафрли, топката го удри Бејтулаи во рака и судијата покажа пенал кој Делофеу го реализираше за предност од 3-0.
До крајот на првиот дел имавме уште неколку шанси за гол преку Радески, Ангелов и Николов, но не успеавме да го постигнеме првенецот на Еропските првенства.
И во вториот дел слична слика како во првото полувреме, Македонија имаше шанси, но Шпанија постигнуваше голови. Во 54-тата минута Асенсио со својот втор гол зголеми на убедливи 4-0.
Три минути подоцна Македонија ја имаше и најубавата шанса на мечот, Давид Бабунски ја погоди пречката од голот на Шпанија.
Во 72-ата минута напаѓачот на Реал Мадрид, Асенсио, со уште еден убав гол го комплетираше својот хет-трик и ги постави конечните 5-0.
Убедливиот пораз не треба да ги разочара македонските репрезентативци кои покажаа голема пожртвуваност, самодоверба, желба за надигрување против силниот противник.
Следниот меч на Македонија го игра во вторник во 18 часот против Србија која во првиот натпревар од нашата група беше поразена од Португалија со 2-0.

Најнови вести