Корисничко име Лозинка Пријави се
19.6.2017

Македонија со стил се пласираше на ЕП во Хрватска

Македонските ракометари одиграа фантастичен натпревар против Чешка, победија со 13 голови разлика, 33:20 и како првопласирани обезбедија учество на Европското првенство во Хрватска.

Македонија продолжува со учествата на големите турнири откако во голем стил ја декласираше Чешка во решавачкиот натпревар од нашата квалификациска група и обезбеди пласман на Европското првенство во Хрватска кое ќе се игра наредната година.
Нашата репрезентација имаше водство во текот на целиот натпревар, Чешка беше конкурентна само на стартот. По предноста на нашите ракометари со 8-7, поддржани од публиката во „ВИП Арената,  го засилија темпото и почнаа да го полнат голот на противникот.
На полувремето Македонија замина со водство 16-10, во второто полувреме нашите ракометари ја зголемуваа предноста и на крајот дојдоа до победа од 33:20, што беше и најголема предност.
Фантастично одигра Кире Лазаров со 11 голови од 12 шутеви, Манасков погоди шест, Пешевски четири. На високо ниво беа и голманите, Борко Ристовски одбрани 14 удари, Митревски за  15 минути имаше шест одбрани.
Со оваа победа Македонија на првото место со седум бода ги завршува квалификациите, а противниците за Европското првенство ќе ги дознаеме на 23-ти јуни кога ќе биде извршена ждрепката.
Покрај Македонија, дел од Европското првенство ќе бидат и домаќинот Хрватска, како и селекциите на Франција, Шпанија, Германија, Данска, Норвешка, Словенија, Шведска, Австрија, Црна Гора, Унгарија, Белорусија, Србија, Чешка и Исланд.
Македонија како победник во својата група ќе има привилегирана улога и ќе се најде во вториот шешир, што барем во најава би требало да значи и нешто полесна група.

Најнови вести