10.7.2017 Руни потпиша за Евертон
Вејн Руни, досегашниот фудбалер на Манчестер јунајтед, потпиша двегодишен договор со Евертон, соопшти клубот од Ливерпул.
Руни кариерата ја почна во Евертон, за првиот тим дебитираше на 16-годишна возраст и одигра 77 натпревари и постигна 17 голови.
„Вејн ми покажа амбиција каква што нам ни е потребна, победнички менталитет. Тој знае како се освојуваат трофеи и навистина сум среќен што се врати дома. Тој го сака Евертон и имаше желба да се врати. Има само 31 година и не се сомневам во неговите квалитети. Фантастично е што е овде“, изјави тренерот Роналд Куман за интернет-страницата на клубот.
Руни го напушти Манчестер јунајтедпо 13 години. Тој е најдобриот стрелец во историјата на Јунајтед со 253 погодоци, колку што постигна на 559 натпревари.
Напаѓачот со Јунајтед освои: пет шампионски титули, Лигата на шампионите, Лигата на Европа, три пати Лига купот, ФА купот и Светското клупско првенство.
Руни не можеше да се избори за место во тимот кај тренерот Жозе Мурињо, а минатата сезона почна само на 15 премиерлигашки натпревари. Тој го напушти „Олд Трафорд“ бидејќи клубот ќе го ангажира Ромелу Лукаку, напаѓачот на Евертон.