11.7.2017 Лукаку: За Мурињо и низ ѕид
Ромелу Лукаку, новото засилување на Манчестер јунајтед, го одработи првиот тренинг со екипата и изјави пофални зборови за Жозе Мурињо.
Лукаку и Мурињо се познаваат уште од Челзи. Нивниот однос тогаш не беше најдобар, а Белгиецот во 2014 година мораше да го напушти клубот бидејќи не доби шанса од португалскиот стручњак.
Мурињо тогаш му забележа што не се борел за неговото место и го доведе во прашање менталитетот на Лукаку.
Но, три години подоцна сè се променило, Мурињо од причина за заминување од Челзи, стана причина за Лукаку да дојде во клубот од „Олд Трафорд“.
„Соработувавме кога имав 20 години и тогаш не одеше сè како што очекував. Сега го надминавме тоа и имаме супер однос. Тој знае дека за него ќе одам низ ѕид“, изјави поранешниот напаѓач на Евертон.
„Возбуден сум што ќе соработувам со него. Сакам трофеи, да бидам со одлични соиграчи. Тоа го сакав и тоа ќе ми помогне дабидам уште подобар играч“ додаде Лукаку.
Белгискиот напаѓач го одби поранешниот клуб Челзи за да отиде во Јунајтед. Неговиот трансфер вреден 75 милиони фунти плус бонуси е втор најскап во историјата на клубот, по Пол Погба.
Во минатата сезона во Евертон беше втор стрелец на Премиер лигата со 25 голови.