25.7.2017 Роналдо стави точка: Останувам во Реал да освојувам уште трофеи
Кристијано Роналдо, најдобриот фудбалер на светот, по повеќеседмичните шпекулации дека ќе си замине од Реал, изјави дека е среќен во Мадрид и дека сака да продолжи да освојува трофеи на клупски и на индивидуален план.
Португалецот размислуваше да си замине од Реал поради обвинението од шпанското обвинителство дека затаил данок во таа земја од 14,7 милиони евра по приходите на британските Девствени Острови.
„Освојувањето важни трофеи со Реал беше одлично чувство, исто како она кога ја добиваш Златната топка или друго индивидуално признание. Сакам повторно да го направам тоа... Морам напорно да работам секоја година за да продолжам во ист ритам. Фудбалот е мојот живот и страст“, изјави Роналдо за „Марка“.
Роналдо поради проблемите со данокот, се поврзуваше со ПСЖ, кој не жалеше пари за него, а потоа се сврте кон Нејмар од Барселона кога португалската ѕвезда ја одби понудата.
Четирикратниот добитник на Златната топка со Реал има договор до 2021 година и сега е главен кандидат за престижната награда, па доколку ја освои, ќе се изедначи со рекордерот Лионел Меси со по пет Златни топки.