Корисничко име Лозинка Пријави се
25.7.2017

Вардарци пред нов скандинавски предизвик

Вечерва (во 20 часот) данскиот шампион му гостува на шампионот на Македонија во првиот натпревар од третото коло на квалификациите за Лигата на шампионите.

„Вардар мора да нападне, не да се брани. Се надевам дека ќе го направиме тоа, ќе победиме и во Копенхаген ќе патуваме барем со разлика од еден гол. Ако го направиме тоа, ќе имаме шанси да ги поминеме“, изјави капитенот Бобан Грнчаров, кој смета дека само со офанзивна игра може да се оствари сонот.
Столе Солбакен, тренерот на Копенхаген, го спореди Бразилецот Жуан Фелипе, напаѓачот на Вардар, со Марио Балотели.
Искусниот стручњак на клупата на данскиот првак се чуди како Бразилецот Фелипе игра во Македонија, а не во некоја посилна европска лига.
„Нема сомнение дека Фелипе е најдобар играч на Вардар. Има одлично чувство на игра, со сета почит кон Вардар, се чудам како таков играч игра во ваква лига. Мораме да бидеме внимателни со него, сличен е на Балотели, физички е многу силен, може да ни направи проблеми во нападот“, изјави Солбакен.
Вилијам Квист, капитенот на Копенхаген, изјави дека Вардар е типичен балкански тим.
„Вардар заслужено го елиминира Малме, тоа доволно зборува за квалитетот на овој тим. Мислам дека се типичен балкански тим, имаат добри поединци во сите линии и технички се добро потковани. Знаат како силно да го притиснат ривалот пред неговиот гол, а очекувам и одлична атмосфера. Мораме да играме мудро, да чекаме грешки на противникот од контранападите“, изјави Квист, поранешниот играч на Штутгарт, Фулам и Виган.

 

Најнови вести