28.7.2017 Франција стави крај на мундијалскиот сон
Македонската јуниорска репрезентација вчера беше поразена од Франција во четврт-финалето на Светското првенство во Алжир.
Нашата млада ракометна репрезентација немаше среќа со распоредот во Алжир. Играше во најсилната група од која сите репрезентации се пласираа во четврт-финалето и влегоа во топ 8 репрезентации во светот, а Македонија за противник ја доби Франција.
Ова беше трет пораз за македонските ракометари, претходно загубија од европскиот шампион Шпанија, од незгодниот Тунис и на крај од светскиот шампион Франција.
Француските ракометари играа подобро во текот на целиот натпревар, а македонските долго време даваа отпор со сите сили што ги имаа по тешката борба против Алжир претходниот ден.
Првото полувреме Франција го заврши со предност од пет погодоци, а во второто Македонија во два наврати заостануваше со три гола. Во последните минути преовладуваше заморот кај нашите ракометари и тогаш ја направија најголемата разлика.
Македонија сега ќе се бори за пласман од петтото до осмото место, а прв противник ќе ѝ биде Русија, која еднаш ја совлада во групната фаза. Натпреварот ќе се игра утре, од 13.30 часот.
Франција – Македонија 33-17 (14-9)
Македонија: Томовски (12 одбрани), Даниловски, Лазаревски 3, Димитриоски 1, Јагуриновски, Неловски 1, Танкоски 1, Велкоски 3, Шилегов 1, Петровски 1, Талески 4, Кузмановски 2, Крстевски, Џонов, Палевски и Арсеновски. Седмерци: 0/1. Исклучувања: 6 минути.
Ова е исходот по комплетирањето на четврт-финалните натпревари во кои беа постигнати овие резултати:
Франција – Македонија 33-17, Германија Тунис 27-21, Шпанија – Унгарија 30-29 (по продолженија) и Данска – Русија 38-31.