Корисничко име Лозинка Пријави се
01.8.2017

Марез во Рома за 35 милиони евра

Останува уште да се завршат формалностите, па Марез да им помогне на новите соиграчи и на тренерот кој дојде неодамна, Еузебио ди Франческо.

По заминувањето на Франческо Тоти во пензија, а еден од најдобрите играчи Мохамед Салах во Ливерпул (за 42 милиони евра), управата на „волчицата“ успеа да ги усреќи навивачите.
Од Лестер стигна 26-годишниот Ријад Марез, најдобриот играч на Премиер лигата од сезоната 2015/16, кога „лисиците“ беа сензационални шампиони на Англија.
Долго време управата на англискиот клуб даваше отпор на многубројните понуди, а се согласи дури кога Џејмс Палота, сопственикот на Рома, понуди 35 милиони евра и уште три милиони од евентуални бонуси. На крајот беше постигнат компромис, бидејќи Лестер прво бараше 40 милиони евра, со оглед на тоа дека Алжирецот имаше договор до 2020 година.
Останува уште да се завршат формалностите, па Марез да им помогне на новите соиграчи и на тренерот кој дојде неодамна, Еузебио ди Франческо, некако да ја прекинат доминацијата на Јувентус, која трае шест последователни години. Рома последната титула во Серија А ја освои пред цели 16 години, па тоа е дополнителен предизвик.
Марез е Алжирец роден во Франција, а првите значајни чекори ги направи во Авр, од каде што во 2015 година направи трансфер во Лестер. Без оглед на тоа што Лестер по сензационалната титула, минатата година крахираше и заврши дури на 12-тото место, Марез беше сосема солиден – постигна десет гола и имаше седум асистенции во 48 натпревари во сите натпреварувања.
Мончи, спортскиот директор на Рома, кој стигна од Севилја и е најзаслужен за ренесансата на клубот од Андалузија, сака тоа да го направи и во Рим.
Тој смета дека во тоа може да му помогнат новодојдените на чие доведување инсистираше: Александар Коларов (од Манчестер сити), Рик Карсдорп (Феенорд), Џенгиз Ундер (Башакшехир), Лоренцо Пелегрини (Сасуоло), Ектор Морено (ПСВ), Грегуар Дефрел (Сасуоло) и Максим Гоналон (Лион).
Од заем се вратија: Жуан Жесус (од Интер), Дедерико Фацио (Тотенхем) и Бруно Перес (Торино).

Најнови вести