Корисничко име Лозинка Пријави се
08.8.2017

Суперкуп во Скопје: Судир на гигантите крај Вардар

Со дуелот за Суперкупот на Европа традиционално се најавува есента во европските клупски натпреварувања.

После Прага, Кардиф, Тбилиси и Трондхајм на ред дојде и југоистокот на Европа, а честа да го организира натпреварот го доби главниот град на Македонија.
Скопје имаше среќа за трофејот да се борат мега атрактивни екипи. Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, покрај тоа што имаат полни витрини трофеи, се најтрофејните екипи во двете најсилни светски лиги и се двата најпопуларни клубови на глобално ниво.
Од 1972 година откако се игра Суперкупот, ова е 15-ти пат да се сретнат два европски шампиони. Последен пат тоа беше во 2013 година кога играа Баерн Минхен и Челзи, но со сета почит кон Челзи, два клуба од овој ранг последен пат играа во 2001 година кога Баерн Минхен играше против Ливерпул.
Досега Манчестер јунајтед и Реал се немаат сретнато во Суперкупот, но пет пати играа во европските купови. „Кралскиот клуб“ е многу поуспешен бидејќи славеше четири пати, а „црвените ѓаволи“  славеа само во далечната 1968 година во полуфиналето на Купот на европските шампиони.
Малку е различна статистиката кога се гледа според државите - ова е шести пат да се сретнат шпански и англиски тим, а подобри се островјаните кои три пати славеа. Сепак, последниот дуел во 2012 година му припадна на Атлетико Мадрид кој беше подобар од Челзи, а Реал само еднаш играл против англиски клуб - поразен е во 1998 година од Челзи.
Заеднички именител денес за двата клуба е тренерот на гигантот од Манчестер, Жозе Мурињо, кој го водеше Реал од 2010 до 2013 година. Иако како тренер освои дури три европски трофеи, само еднаш водеше екипа на Супер купот - во 2003 година со Порто е поразен од Милан со 1-0. 
Уште еден интересен факт е дека екипите кои со Мурињо освоиле европски трофеи го губеле Суперкупот. Од друга страна тренерот на Реал Мадрид Зинедин Зидан минатата година славеше во Супер купот, а како играч исто така еднаш беше успешен, во 2002 година против Феенорд.
На последните четири натпревари дури три пати се играа продолженија, па не би било изненадување и вечерва на „Телеком арената“ да се повтори такво сценарио.

Најнови вести