Корисничко име Лозинка Пријави се
17.8.2017

Шкендија на „Сан Сиро“, Вардар со нов тренер вечерва против Фенербахче

Македонските претставници во плејофот за пласман во Лигата на Европа ќе играат против атрактивни и силни клубови.

Шкендија вечерва од 20.45 часот ќе гостува на „Сан Сиро“ кај Милан. Тетовскиот клуб претходно ги елиминира Дачија од Молдавија, Хелсинки од Финска и естонскиот Тракаи. Милан во третото коло беше подобар од романската Крајова (1-2 и 2-0), а реваншот во Милано на трети август го следеа рекордни 65.763 гледачи за еден квалификациски натпревар од плејофот во Лигата на Европа.
„Сите ние знаеме кој е фаворит на овој двомеч. За нас е големо задоволство што ќе ги одмериме силите со Милан, но сакам да нагласам дека ние не дојдовме на прошетка, туку да се претставиме во вистинско светло. Подготвени сме за Милан, знаеме каков предизвик е пред нас, а Шкендија веќе покажа дека знае да игра фудбал и тоа ќе го потврдиме на мечот“, изјави Ќатип Османи, тренерот на тетовци.
„Противникот не смее да се потцени, бидејќи мина три квалификациски пречки покажувајќи завиден квалитет, посебно во одбраната која прими само три гола. Натпреварот не смее да се пропушти и поради дебито на новиот капитен, центархалфот Леонардо Бонучи“, пишува на интернет-страницата на Милан.
Вардар вечерва ќе го предводи новиот тренер Чеде Јаневски, кој синоќа беше официјално претставен на таа функција. 
„Овде сум да го одржам Вардар како шампионски тим и да помогнам во неговиот развој, како во македонското првенство така и во европските натпреварувања. Ќе работиме напорно да ги оствариме целите, да освојуваме трофеи, бидејќи сè друго за Вардар е неуспех“, изјави Јаневски, новиот шеф на стручниот штаб кој на тоа место дојде откако завчера Гоце Седловски поднесе оставка.
Фенербахче е квалитетен противник, во неговите редови ги има Робин ван Перси, Матје Валбуена, Мартин Шкртел и други, додека Вардар се наоѓа во мала резултатска криза откако ги загуби двата последни натпревари, против Копенхаген (1-3) и против Шкендија (0-2), по што даде оставка тренерот Гоце Седловски.
„Наша главна и примарна цел е да го елиминираме Вардар и да се пласираме во Лигата на Европа. Се надеваме дека ќе ја искористиме предноста што ја имаме како фаворити. Го анализиравме Вардар во дуелите со Копенхаген. Очекувам дека ќе имаат ист пристап до играта, но сега имаме мал проблем бидејќи тимот има нов тренер“, изјави Ајкут Кочоман, тренерот на истанбулскиот клуб.
За Фенербахче игра и Елиф Елмас, младиот репрезентативец на Македонија кој ова лето од Работнички направи трансфер во клубот од Истанбул.

Најнови вести