Корисничко име Лозинка Пријави се
18.8.2017

Вардар го победи турскиот гигант Фенербахче

Вардар го победи фаворитот Фенербахче со 2-0 во првиот натпревар од плејофот за пласман во Лигата на Европа.

Фудбалерите на Вардар обезбедија одлична предност за реванш-натпреварот во Истанбул по една седмица.
Избраниците на Чедо Јаневски поведоа во 20-тата минута од средбата со погодокот на Тигран Берсегјан.
Во продолжение на натпреварот турскиот гигант имаше неколку шанси за изедначување, а Вардар во финишот остана и со фудбалер помалку откако Грнчаров мораше да излезе од игра по вториот жолт картон.
Во судиското продолжение на времето, Мехмет Топал постигна неверојатен автогол, со што донесе огромна радост на арената „Филип Втори“. Потоа кај Фенербахче Бразилецот Соуса заработи црвен картон.
„Не смееме да мислиме дека сме ја завршиле работата и дека веќе сме се пласирале во групната фаза. И во реваншот мораме да се потрудиме да постигнеме гол. Ако тоа ни тргне од рака, не верувам дека можеме да примиме четири гола. Очекувам да нè дочека пеколна атмосфера која ќе ја направат нивните навивачи, но јас верувам во своите играчи коишто имаат искуство во играње такви натпревари. Сепак, сега прво мораме да мислиме и на првенството, а потоа на Фенербахче“, изјави Јаневски по натпреварот.
Македонскиот шампион Вардар сега има голема шанса да го оствари најголемиот успех во историјата на клубот и македонскиот фудбал и да оствари пласман во Лигата на Европа.

Најнови вести