Корисничко име Лозинка Пријави се
21.8.2017

Сагата заврши: Калиниќ во Милан

Италијанскиот гигант Милан потврди дека постигнал договор со Никола Калиниќ кој на „Сан Сиро“ доаѓа од Фиорентина.

За трансферот на Калиниќ во Милан се шпекулираше со недели, а пред неколку дена се чинеше дека е прашање на време кога ќе се официјализира, но дојде до застој во преговорите меѓу двата тима.
Меѓутоа, „росонерите“ го потврдија доаѓањето на хрватскиот интернационалец синоќа, иако Калиниќ денес ќе ги помине лекарските прегледи, а неколку часа подоцна и ќе го потпише договорот.
Италијанските медиуми пренесоа дека Калиниќ ќе игра како позајмен фудбалер во Милан сезонава за пет милиони евра, а „росонерите“ ќе имаат обврска да го купат следното лето за додатни 20 милиони.
Хрватскиот фудбалер последните денови одбиваше да тренира со соиграчите во Фиорентина па не се најде на списокот на „виолетовите“ за новата сезона. Избраниците на Стефано Пиоли на отворањето на сезоната беа поразени од Интер со 3-0.
Интерес за Калиниќ покажа и Евертон кој понуди повеќе пари, но Хрватот со недели истакнуваше дека сака да прејде само во Милан.
Калиниќ потекнува од Хајдук Сплит во чии редови беше до 2009 година, а потоа играше за Блекбурн и Дњипро пред доаѓањето во Фиорентина пред две години.

Најнови вести