Корисничко име Лозинка Пријави се
23.8.2017

Лига на шампиони: Марин ја замолкна Риека, Марибор повторно во елитата

Покрај Селтик, пласман во групната фаза на Лигата на шампионите обезбедија и Олимпијакос, Марибор, Наполи и Севилја.

Хрватскиот шампион Риека не успеа да оствари минимална победа по поразот од 2-1 во Атина и по прв пат во историјата да се пласира во елитното европско натпреварување.
Единствениот гол за Олимпијакос го постигна германскиот интернационалец Марко Марин во 25-татат минута, а Риека до крајот на натпреварот не успеа да се закани и да внесе неизвесност во конечниот исход од двомечот.
Словенечкиот Марибор по две години повторно ќе игра со најдобрите европски клубови откако во „Људски врт“ со минимален резултат го елиминираше Хапоел Бер Шева.
По поразот од 2-1 во Израел победничкиот гол за домаќините го постигна Митја Вилер со феноменален удар од работ на шеснаесетникот во 13-тата минута, а големи заслуги за пласманот во групната фаза има и голманот на словенечкиот шампион Јасмин Хандановиќ кој одлично бранеше во финишот на средбата.
Наполи немаше проблеми со Ница на гостувањето во Франција. Италијанците запишаа уште една победа од 2-0 и лесно пројдоа во групната фаза. Стрелци беа Хозе Калјехон во 48-ата и Лоренцо Инсиње во 89-тата минута.
Натпреварот со најмногу возбудувања беше одигран во Севилја каде домаќинот мораше да се помачи против Истанбул Башакшехир за да обезбеди пласман во групите.
Шпанците славеа со 2-1 минатата недела во Турција, но тоа го израмни Елјеро Елиа со голот во 17-тата минута за голема радост на гостите на „Рамон Санчес Писхуан“.
Седум минути подоцна Себастијан Ескудеро донесе израмнување за Севилја, а Висам Бен Једер во 75-тата минута и пресврт.
Меѓутоа за целосна драма во последните десет минути се погрижи босанскиот репрезентативец Един Вишча, а малку недостасуваше Емре Белозоглу во 90-тата минута од слободен удар да постигне гол за победа.
Во првиот вчерашен натпревар Селтик беше поразен со 4-3 на гостувањето во Казакстан против Астана, но имаше убедлива предност од 5-0 по првиот натпревар.
Останатите реванши од плејофот се на програмата вечерва, а ждрепката за групната фаза е закажана за петок.

Најнови вести