Корисничко име Лозинка Пријави се
23.8.2017

Февр: Немам коментар за Балотели

Луцијан Февр, тренерот на Ница, изјави дека е многу незадоволен од испаѓањето на францускиот тим од Наполи во плејофот за Лигата на шампионите.

Ница во реванш-натпреварот изгуби од италијанскиот клуб со 2-0 и ќе игра во Лигата на Европа.
Во центарот на контроверзиите беше Марио Балотели, по уште едно многу лошо издание и скандалот на почетокот на второто полувреме.
Италијанскиот репрезентативец заборавил пред излегувањето на теренот да го извади од себе накитот, па по наредба на судијата беше покрај теренот и се обидуваше да го покрие, додека неговите бројно послаби играчи го примија клучниот гол од Калјехон.
„Не знам што се случуваше таму, го видов Балотели и четвртиот судија. Не сакам да го  коментирам неговиот настап. Беше лош, имаше негативно влијание врз екипата и требаше да го замениме уште порано. Морам да бидам искрен кога зборувам со вас, ова беше многу лоша претстава“, изјави Февр по натпреварот.
Балотели излезе од игра во 77-мата минута.
Февр изјави дека генерално не е задоволен од условите за работа во клубот од Азурниот Брег. На почетокот на летото него сакаше да го доведе Дортмунд, но челниците успеаја да го убедат да остане, ветувајќи му тим кој може да игра во Лигата на шампионите. Засилувањата задоцнија, а сега на прагот да си замине е и клучниот играч Жан Мишел Сери.
„Ваквиот натпревар дојде предоцна за Снајдер, само што стигна, сè уште не се вклопил“, додаде Февр, кој ги сочува пофалбите за ривалот.
„Наполи е сериозна екипа, која е во врвот веќе со години, имаат ист стил на игра. Вечерва беа извонредни, и физички и технички и тактички. Штом ги добивме на ждрепката, знаев дека ќе биде тешко.
Февр даде реална изјава и за можностите на неговиот тим.
„Лигата на Европа е вистинската мерка за Ница. Тоа ќе биде квалитетно и тешко натпреварување“, изјави Швајцарецот.
Ница ривалите во групата на Лигата на Европа ќе ги дознае во петок, а ждрепката за Лигата на Европа ќе се одржи еден ден претходно.

Најнови вести