Корисничко име Лозинка Пријави се
25.8.2017

Дембеле во Барселона за 150 милиони евра

Борусија Дортмунд и Барселона вчера во Монако се договориле за трансфер на младиот Французин.

Усман Дембеле е нов играч на Барселона. Тоа го договориле челниците на шпанскиот клуб со луѓето од Дортмунд вчера, пред ждрепката за Лигата на шампионите во Монако. Добро информирани извори тврдат дека шпанскиот гигант Французинот ќе го купи вкупно за 150 милиони евра (120 во кеш и плус 30 во бонуси).
Дембеле (20) е учесник во втората летна сага, по ненадминатиот Нејмар, седеше без работа овој август и чекаше расплет. Многу сакаше да се пресели во Шпанија, бидејќи со луѓето од Барселона сè договорил уште во јули, додека беше со „милионерите“ на Далечниот Исток. По враќањето во Германија, не се појави на ниту еден тренинг, па Дортмунд го суспендира пред две седмици и оттогаш му забрани да тренира со екипата. Играчот на тоа одговори со бојкот и оттогаш не разговараше со челниците на клубот предизвикувајќи бурни коментари во печатот дека е без карактер и нелојален.
Од Дортмунд бараа 150 милиони евра за играчот кого минатото лето го платија десет пати помалку. Вчера кога тргнувале за Кнежевството, на сите во Германија им било изненадување што покрај Ханс-Јоаким Вацке, челникот на Дортмунд, на пат тргнал и спортскиот директор Михаел Цорк, кој никогаш досега не одел на ждрепките на европските купови, а на таа функција е од 1998 година.
Барселона, која не успеа да го убеди Ливерпул да го продаде Кутињо, ја зголемила претходната понуда (80+25 милиони евра) на онаа која го задоволува германскиот клуб.
Дембеле минатото лето од Рен се пресели во Дортмунд во трансфер вреден малку повеќе од 15 милиони евра. Одигра одлична сезона во германскиот клуб (10 голови, 21 асистенција), стана стандарден француски репрезентативец и сметаше дека е играч за поголем клуб. Во Барселона, за која би требало да потпише договор (не се знае на колкав период), би требало да го надополни заминувањето на Нејмар.

 

Најнови вести