Корисничко име Лозинка Пријави се
25.8.2017

Шкендија и во реваншот поразена од Милан

Шкендија и во реванш-натпреварот од баражот од Лигата на Европа изгуби од поранешниот европски шампион Милан. Италијанскиот клуб синоќа со 1-0 го победи тетовскиот клуб и ја оправда улогата фаворит.

На реваншот синоќа Милан ја победи Шкендија со 1-0 и со вкупен резултат од 7-0 се пласира во следната фаза. Единствениот гол го постигна Патрик Кутроне во 13-тата минута од средбата.
Ќатип Османи, тренерот на Шкендија, на конференцијата за новинарите по натпреварот изјави дека неговите фудбалери, и покрај поразот, одиграле солиден натпревар и заслужиле подобар резултат.
„Имавме шанси, но бевме непромислени во завршницата. Во вториот дел бевме многу поопасни. Морам да им се заблагодарам на сите мои фудбалери за една успешна европска приказна ова лето“, изјави Османи.
Винченцо Монтела, тренерот на Милан, изјави дека е задоволен од втората победа.
„Малку експериментиравме со овој систем. Кога се победува без да се прими гол, секогаш е добро. Во вториот дел ритамот опадна и немаше многу фудбал од наша страна. Очекував ваков натпревар, македонските екипи не се слаби. Вардар го елиминира Фенербахче, а пред неколку дена беше поразен од Шкендија. Ова беше вистинското издание на Шкендија, а не она во Милано“, изјави Монтела.
Шкендија, исто како и лани, натпреварите од Лигата на Европа ги заврши во баражот.

Најнови вести