Корисничко име Лозинка Пријави се
26.8.2017

Валверде: Со Меси сè е во ред!

Ернесто Валверде, тренерот на Барселона, ги отфрли наводите дека фудбалерот Лионел Меси ќе го напушти клубот.

Аргентинецот сè уште не го продолжил договорот со Барселона, поради што медиумите шпекулираат дека би можело да го напушти „Камп ноу“. Неговиот договор со каталонскиот клуб му истекува на крајот на сезоната.
Британските медиуми претходните дена шпекулираа дека Манчестер сити би можело да плати 300 милиони евра за 30-годишниот Аргентинец.
Барселона соопшти дека постигнала договор со Борусија од Дортмунд за трансферот на Осман Дембеле, а на конференцијата за новинарите Валверде изјави дека нема проблеми со Меси.
„Меси е во ред. Тренира и сè е како што било секогаш. Мислам дека тука нема никакви проблеми“, изјави Валверде, а пренесоа шпанските медиуми.
Барселона изминатите седмици преговараше со Ливерпул за трансфер на Филипе Кутињо, а Валверде изјави дека е можно во клубот да дојде уште некој играч.
„Чекаме подолго време, но сè додека не заврши преодниот рок на 31-ви август, некои играчи може да дојдат, но некои може и да си одат. Сите клубови се во таква ситуација, сите се обидуваат да ги средат нивните тимови и трансферите“, изјави Валверде.

Најнови вести