07.9.2017 Во ПСЖ безгрижни: Добре дојде УЕФА, ништо не криеме
Челниците на ПСЖ ниту малку не се загрижени поради покренатата истрага на Европската фудбалска унија околу можностите за кршење на финансискиот фер плеј.
Насер Ал-Калифи, првиот човек на ПСЖ, изјави дека клубот нема што да крие и дека луѓето од УЕФА се добредојдени во неговата канцеларија да ги испитаат големите вложувања ова лето по двата најголеми трансфери во историјата на фудбалот - Нејмар да Силва од Барселона (222 милиони евра) и Килијан Мбапе од Монако (180 милиони евра, со тоа што е на заем со задолжителен откуп наредното лето).
„Многу сме сигурни, УЕФА може да прави што сака, ништо не криеме. Може да дојдат во нашите простории и тоа го кажуваме со големо задоволство. Транспарентни сме“, изјави Ал-Калифи.
Катарскиот сопственик изјави дека мисли дека на многумина им смета големиот проект на ПСЖ.
„Ги почитуваме сите правила. Ако некои клубови не се среќни, тогаш тоа не е наш проблем. Не сакам да влегувам во деталите на финансискиот фер плеј и како ќе ги вратиме вложените пари“, изјави Ал-Калифи.
УЕФА од почетокот на септември почна со испитување на финансиското работење на францускиот вицешампион.