Корисничко име Лозинка Пријави се
09.9.2017

Клоп: Сè е во ред со Кутињо, но нема да игра против Сити

Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека очекува интересен натпревар против Манчестер сити и најави дека во екипата повторно нема да биде Филипе Кутињо.

„Сити е исклучително силен и не смееме да им допуштиме да работат она што тие сакаат. Двете екипи се силни во контранападите. Навистина ќе биде интересен натпревар и навистина уживам во неговата подготовка“, изјави Клоп за британските медиуми.
Фудбалерите на Ливерпул денес, од 13.30 часот гостуваат кај Манчестер сити во натпреварот од четвртото коло на Премиер лигата.
По три одиграни кола, Ливерпул е втор на табелата со седум бодови, колку што има и Сити на четвртото место.
Филипе Кутињо повторно нема да биде во тимот на Ливерпул иако играше за Бразил во текот на репрезентативната пауза.
„Имавме добар разговор. Беше добро расположен и уште подобро тренираше. Но, морав да донесам одлука. Во наредните три седмици ќе имаме седум натпревари, така што нема да има многу време за тренинг“, изјави Клоп.
„Пред да отиде за Бразил, тој не тренираше околу три седмици. Тоа значи дека мораме да го подготвиме за продолжението на сезоната, што е многу тешко со нашиот распоред. Поради тоа одлучив да го изоставам од екипата за Сити. Можеше да игра 15 или 20 минути, но мислам дека тоа нема никаква смисла. И тој се согласи со тоа. Разговорот беше добар“, додаде Клоп.

Најнови вести