Корисничко име Лозинка Пријави се
13.9.2017

Ливерпул ѝ се одмаздува на Севилја, Марибор против Спартак

Вечерва на програмата се натпреварите кои ќе го комплетираат првото коло во новата сезона на Лигата на шампионите, а дербито на денот се игра на „Енфилд роуд“, каде што копјата ќе ги вкрстат Ливерпул и Севилја.

Сите осум натпревари вечерва стартуваат во стандардниот термин од 20.45 часот, а најмногу се очекува од дербито во групата Е, во кое ќе се сретнат Ливерпул и Севилја. „Црвените“, коишто по втор пат изборија пласман во групната фаза во последните осум сезони, ќе се обидат да ѝ се одмаздат на екипата од Андалузија, од која во текот на 2016 година изгубија со 3-1 во големото финале на Лигата на Европа.
Во вториот натпревар од споменатата група силите ќе ги одмерат Марибор и Спартак од Москва, кој повторно учествува во елитното натпреварување, за прв пат од сезоната 2012/13. Клубот од руската престолнина важи за фаворит, но Марибор не е поразен на последните осум натпревари на домашен терен.
Во групата Ф ќе има многу изненадувања, пред сè во Украина, каде што Шахтар го дочекува Наполи. „Рударите“ од Донецк, кои по 12-ти пат учествуваат во Лигата на шампионите, не можат да се пофалат со добри резултати против тимовите од Серија А, со оглед на тоа дека од 18 натпревари изгубиле дури 12.
Фаворизираниот Манчестер сити гостува на познатиот „Де Којп“ во Ротердам, а водечките луѓе на Феенорд се надеваат на позитивен резултат на првиот натпревар во Лигата на шампионите по цели 15 години.
Многу интересно ќе биде и во групата Г, каде што се сретнуваат Порто и Бешикташ, односно Лајпциг и Монако. „Змејовите“ пред нивните верни навивачи на стадионот „Драгао“ ќе се обидат да ја продолжат позитивната низа во натпреварите со турскиот гигант, против кого имаат скор од три победи и еден пораз.
Монако, кој во претходната сезона стигна до полуфиналето, го очекува сериозно гостување кај талентираната екипа на Лајпциг, која дебитира во европските натпреварувања. Покрај тоа, треба да се истакне дека актуелниот вицешампион на Бундеслигата стана 12-ти клуб од Германија кој изборил учество во групната фаза од натпреварувањето во Лигата на шампионите.
Во групата Х, фаворизираниот Реал Мадрид, кој оваа сезона ја брка третата последователна шампионска титула на Стариот Континент, го дочекува АПОЕЛ од Никозија. Овие ривали досега се сретнале само два пати, и тоа во четврт-финалето на Лигата на шампионите, кога Реал по 180 минути игра триумфираше со 8-2.
Многу повеќе неизвесност се очекува на познатиот „Вембли“, каде што екипата на Тотенхем ќе ја нагости Борусија од Дортмунд. Тимот од Лондон не ги памети по добро „црно-жолтите“, кои во 2015/16 со вкупен резултат од 5-1 го елиминираа во осминафиналето на Лигата на Европа, така што ова ќе биде единствена шанса за враќање на долговите.

Најнови вести