Корисничко име Лозинка Пријави се
14.9.2017

Вардар дебитира во Лигата на Европа

Откако обезбеди историски пласман во групите од Лигата на Европа, Вардар вечерва ќе го одигра првиот натпревар од групната фаза на второто по ранг натпреварување во организација на УЕФА.

Македонскиот фудбалски шампион игра во групата Л, во која се уште Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг, а Вардар вечерва ќе се обиде да ја продолжи серијата добри резултати, пред сè на домашен терен, каде што оствари три победи, против Малме, против ФК Копенхаген и против Фенербахче, само со еден примен гол, и тоа од пенал.
Чедомир Јаневски, тренерот на Вардар, на конференцијата за медиумите изјави дека и покрај тоа што Зенит е екипа од европскиот врв, Вардарци ќе сакаат да ја наметнат нивната игра и да дојдат до поволен резултат, а за тоа ќе треба да играат со максимална концентрација во сите 90 минути. Зенит има одлични индивидуални играчи, но Вардар во првата средба може да му парира со колективната игра.
Јаневски во првиот натпревар нема да може да смета на стандардниот стопер Евгениј Новак, кој ги одигра сите претходни натпревари во фудбалска Европа оваа сезона, но поради повреда нема да биде на располагање за овој натпревар. Останатите играчи кои се пријавени за настап во Лигата на Европа ќе му бидат на располагање на тренерот Јаневски.
Италијанецот Роберто Манчини, тренерот на рускиот Зенит, на прес-конференцијата изјави дека не е загрижен за лошата напаѓачка  форма во која се наоѓаат неговите избраници, иако дополнително работата ќе им ја отежни и цврстата одбрана на Вардар.
„Сите играчи кои дојдоа во Скопје се подготвени да играат. Го анализиравме Вардар. Сигурно дека нè чека тежок двомеч. Вардарци имаат добра одбрана. Од друга страна, нашите последни два натпревари без голови не ме загрижуваат. И покрај тоа што не играме во Лигата на шампионите, амбициите се исти, да победуваме. Така ќе биде и на овој натпревар во Лига Европа. Сакаме да си одиме со три бода од Скопје“, изјави Манчини.
Македонскиот шампион се погрижи да го подготви овој натпревар според сите стандарди кои ги бара УЕФА, а очекува 20–25 000 навивачи да бидат на нашиот најголем стадион и да му ја дадат поддршката на Вардар на овој прв натпревар од групата Л во Лига Европа.
Натпреварот меѓу Вардар и Зенит се игра вечерва, во 21.05 часот.

 

Најнови вести