Корисничко име Лозинка Пријави се
20.9.2017

Добри вести за Реал – Зидан го продолжи договорот, Роналдо на теренот

Легендарниот Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, вчера изјави дека го продолжил договорот со кралскиот клуб, иако тоа сè уште не е официјално и формално објавено.

Некогашниот одличен француски офанзивен играч првиот тим на Реал го презеде на почетокот на 2016 година, по отказот на Рафаел Бенитес. Оттогаш Реал игра во фантастична форма и освои: два пати Лигата на шампионите, шпанското првенство во 2017 година, како и два пати Суперкупот на Европа, Суперкупот на Шпанија 2017 и Светското клупско првенство 2016 година.
Изминатите седмици во Реал се продолжени договорите на неколкумина првотимци, како што се: Карвахал, Иско, Марсело..., а сега тоа го направи и шефот на стручниот штаб на мадридскиот клуб.
На Зидан договорот му истекуваше на крајот на сезоната, но во Мадрид ништо не сакале да ризикуваат.
„Што се однесува на договорот, тој веќе е продолжен. Но тоа не мора ништо да значи. Единствено што ме интересира е она што се случува на дневно ниво и понатаму од тоа не гледам, комплицирано е“, изјави Зидан.
Реал следниот натпревар го игра денес, против Бетис во Ла Лига, што ќе биде и прва средба на која ќе игра Кристијано Роналдо по суспензијата од пет натпревари. Португалецот беше казнет поради тоа што го оттурна судијата на натпреварот од Суперкупот на Шпанија.

Најнови вести