Корисничко име Лозинка Пријави се
27.9.2017

Лига на шампиони: Баерн ги смирува „светците“

Париз, Мадрид, Лисабон и Торино денес ќе бидат во центарот на вниманието во второто коло на Лигата на шампионите.

Дербито на денот се игра на „Паркот на принцовите“, каде што ПСЖ го дочекува Баерн од Минхен. Во вториот натпревар од групата Б Андерлехт ќе го дочека Селтик.
На некои можеби поинтересна ќе им биде средбата меѓу Атлетико и Челзи на дербито на новиот стадион на „јорганџиите“ во Лигата на шампионите, „Ванда Метрополитано“. Во другиот натпревар од групата Ц Рома ќе гостува во Азербејџан.
Во групата Д на програмата е дерби меѓу „црниот“ и „црвено-белиот“ тим. Олимпијакос ќе гостува кај големиот Јувентус во Торино. Во другиот натпревар се игра дерби на Пиринејскиот Полуостров, Спортинг ќе ја дочека Барселона.
Во групата А интересно би требало да биде во Москва, каде што Манчестер јунајтед ќе гостува кај ЦСКА. Во другиот натпревар од групата Бенфика ќе игра во Базел.
Дуелот меѓу ПСЖ и Баерн е една од првите средби на тимовите коишто се во потесна конкуренција за шампионската титула на Европа. Парижаните со вложувањето големи пари сакаат да направат моментален успех и да станат стабилни каков што е со децении Баерн, а баш на луѓето од Баварија не им се допаѓаат таквите модели.
Атмосферата во двете соблекувални е нарушена, Нејмар и Единсон Кавани, главните ѕвезди на ПСЖ, се во кавга околу улогата кој ќе биде водач, а од другата страна јавно незадоволство е изразено од Роберт Левандовски и Томас Милер, коишто го критикуваа тренерот Карло Анчелоти, а „Паркот на принцовите“ е вистинско мерило каде што ќе можат да разговараат.
Големо возбудување се очекува и на новиот стадион во Мадрид „Ванда Метрополитано“, на којшто фудбалерите на Атлетико против Челзи премиерно ќе настапат во Лигата на шампионите. Почнува нов циклус за избраниците на Диего Симеоне во поход на крајната цел, шампионската титула на Европа, па сите 68.000 места ќе му дадат поддршка на Атлетико да направи чекор повеќе во однос на поразите во финалињата 2014 и 2016 година, и тоа од лутиот ривал Реал.
„Што повеќе навивачи се прилагодат и направат бучава, стадионот ќе биде уште подобар. Кога тие се слушаат, атмосферата е неверојатна, на теренот сите изгледаат како ’Циркус Максимус„“, изјави тренерот Симеоне подгревајќи ја атмосферата пред дуелот со лондонскиот тим, и тоа во моментот кога токму Диего Коста, напаѓачот на Челзи, се враќа во Атлетико од зима.
Колку му значи на Атлетико поддршката од навивачите на домашен терен говори и тоа што на последните 23 натпревари во Лигата на шампионите оствари 18 победи, четири ремија и само еден пораз, а дури 18 пати мрежата на тој тим остана недопрена. Токму Челзи избори едно реми пред три години во полуфиналето, но Атлетико се пласира понатаму благодарение на триумфот во реваншот со 3-1.
Освен натпреварот меѓу Карабаг и Рома, кој на програмата е утре од 18 часот, останатите се играат во стандардниот термин од 20.45 часот.

Најнови вести