Корисничко име Лозинка Пријави се
02.10.2017

Македонија ги завршува квалификациите за СП

Македонската репрезентација ги почна подготовките за натпреварите со Италија и со Лихтенштајн.

На првиот собир во хотелот „Гранд Плаза“ не присуствуваа Столе Димитриевски, Стефан Ристовски и Езџан Алиоски, а нема да бидат ниту на тренингот во 18 часот. Адиз Јаховиќ ќе го одработи првиот тренинг со неговите соиграчи од репрезентацијата. Селекторот Игор Ангеловски изјави дека смета дека репрезентацијата на Македонија може да се надигрува со најдобрите селекции и дека така ќе биде и во Торино.
„Знаеме каде гостуваме, но моите фудбалери покажаа дека можат да се носат со силни противници. Сите знаеме која е Италија, четирикратен светски шампион, тактички се одлични, впрочем, од нив потекнува и добриот тактички фудбал. Тие се мајстори. Мора да го дадеме максимумот и да одиграме најдобро што знаеме“, изјави Ангеловски.
Марјан Радески, напаѓачот на Шкендија од Тетово, изјави дека е подготвен за дуелот со Италија и додаде дека нашата репрезентација ја чека тежок натпревар против можеби најдобрата одбрана во светот. 
„Со нетрпение го чекавме овој собир, не се собравме во репрезентацијата со чувство како да сме на екскурзија, туку да оствариме позитивни резултати со Италија и со Лихтенштајн. Нè очекува дуел со противник кој ја има најдобрата одбрана во светот. Но и ние имаме добри напаѓачи, тоа го покажавме во Скопје. На првиот натпревар не нѐ посака среќата, се надевам дека во Торино ќе биде спротивното и ќе успееме да дојдеме до позитивен резултат“, изјави Радески.

Најнови вести