Корисничко име Лозинка Пријави се
10.10.2017

Исланд на Мундијалот, Ирска во баражот

Фудбалската репрезентација на Исланд синоќа се пласира на Светското првенство во Русија откако со 2-0 го победи Косово во последното, десетто коло во квалификациската група И.

Исланд ја оправда улогата фаворит против Косово и со головите на Гилфи Сигурдсон во 40-тата и на Јохан Гудмунсон во 68-мата минута дојде до неопходните три бода со коишто го осигури првото место во групата И.
Хрватска гостуваше кај Украина во Киев во директната средба за пласман во баражот, а јунак на триумфот беше Андреј Крамариќ, кој со головите во 62-рата и во 70-тата минута ги доведе Хрватите до втората позиција во групата.
Во третиот натпревар од групата И, Финска и Турција во натпреварот без натпреварувачко значење одиграа нерешено 2-2.
Исланд квалификациите ги заврши на првото место во групата И со 22 бода, со два повеќе од Хрватска, а со пет повеќе од третопласираната Украина. Турција е четврта со 15, Финска е петта со девет, додека Косово е последен, шести со еден освоен бод.
Во групата Г, Шпанија и пред ова коло имаше обезбедено пласман во Русија, а синоќа на гостувањето со 1-0 го победи Израел со голот на Илјараменди во 76-тата минута.
Со 1-0 славеше и второпласиранта Италија против Албанија, а стрелец на победоносниот гол беше Антонио Кандрева во 73-тата минута.
Во третиот натпревар од групата Г, Македонија со 4-0 го победи Лихтенштајн.
Шпанија е прва во групата Г со 28 бодови, втора е Италија со 23, додека Албанија е трета со 13, а следуваат Израел со 12, Македонија со 11 и Лихтенштајн без бодови.

Најнови вести