Корисничко име Лозинка Пријави се
18.10.2017

Манчестер јунајтед во Лисабон, дијалог во Барса

Манчестер јунајтед вечерва ќе гостува кај Бенфика во Лисабон во натпреварот од групата А во Лигата на шампионите.

Манчестер јунајтед е фаворит на гостувањето во Лисабон, каде што ќе се обиде да триумфира, со што ќе направи клучен чекор кон пласманот во осминафиналето.
Еден од најдобрите фудбалер на „ѓаволите“ од средината на теренот, Немања Матиќ, се враќа на стадионот на кој се афирмираше како врвен играч.
Тој две и пол години играше за најпопуларниот португалски клуб (2011 до 2014) и од таму обезбеди голем трансфер во Челзи, а летово прејде на „Олд Трафорд“ како најскапо платен српски фудбалер на сите времиња за 45 милиони евра.
„Ова е посебен клуб, клуб кој го сакам. Во Бенфика научив многу за притисокот за играње за голем клуб затоа што тие се меѓу најдобрите во Европа. Ќе навивам за нив до крајот на животот, имаат посебно место во моето срце, но се надевам дека ќе им ги земем бодовите“, изјави Матиќ.
Од останатите натпревари се издвојува тој во Лондон, каде што Рома ќе гостува кај Челзи, а италијанскиот менаџер Антонио Конте за средбата против земјаците има големи проблеми со повредени играчи (Алваро Мората, Н’голо Канте, Виктор Мозес...). 
Барселона за прв пат по каталонскиот референдум ќе игра на „Камп ноу“, каде што доаѓа Олимпијакос. Ново деби во Лигата на шампионите има Јуп Хејнкес на клупата на Баерн Минхен против Селтик, а Јувентус ќе го дочека Спортинг од Лисабон.
„Барселона ќе заврши прва 99 отсто. Ако нема некакви изненадувања во последните натпревари, Олимпијакос нема да се пласира, така што овие дуели со Спортинг ќе бидат одлучувачки. Жорж Жесус е добар тренер, кого ние не го памтиме по добро. Сите ја сакаме Лигата на шампионите и знаеме дека практично играме за понатамошен пласман“, изјави Џорџо Кјелини.
Освен натпреварот во Азербејџан меѓу Карабаг и Атлетико Мадрид, кој се игра во 18 часот, преостанатите седум почнуваат од 20.45 часот.

Најнови вести