Корисничко име Лозинка Пријави се
20.10.2017

Вардар убедливо поразен од Реал Сосиедад

Македонскиот фудбалски шампион Вардар имаше уште едно лошо издание, синоќа, на арената „Филип Втори“ изгуби со 6-0 од шпанскиот Реал Сосиедад.

Вардар во овој натпревар влезе со поголеми амбиции и со надеж за едно подобро издание во однос на претходните два дуела, но Реал Сосиедад беше многу подобар тим и неговата победа со 6-0 беше сосема заслужена.
Македонскиот шампион имаше само две посериозни шанси во првото полувреме. Првата шанса ја имаше Боби Николов, кој од добра позиција биеше кон голот, а во втората Барсегјан дојде очи во очи со голманот Рули, но и тој обид заврши неуспешно.
Првиот погодок за гостинскиот тим го даде Ојарзабал во 12-тата минута, кога се најде на вистинското место и ја испрати топката во мрежата на Гачевски. Следниот гол го постигна Вилијан Хозе, кој беше стрелец и на следните три погодоци. Во 34-тата минута го зголеми резултатот на 2-0, а осум минути подоцна погоди за 3-0.
По десет минути игра во второто полувреме, Хозе го постигна и четвртиот погодок, а во 59-тата минута погоди за 5-0. Конечниот резултат од 6-0 го постави Ла Бела пред крајот на натпреварот.
И покрај тоа што жестоките навивачи на Вардар го бодреа тимот во текот на сите 90 минути, македонскиот шампион одигра еден блед натпревар.
„Ова е тежок пораз за нас како клуб, за играчите и за мене. Наидовме на многу подобар противник и по првата грешка бевме казнети и имавме негатива. Потоа можевме да израмниме и да постигнеме гол којшто ќе ги сменеше работите на теренот, да добиеме еден поинаков натпревар. Тоа не се случи, а нашиот противник даде и втор гол. По двата гола, тешко е да се вратиш со екипа којашто секоја недела има вакви натпревари и во своето првенство. Тоа се виде и на овој натпревар. Штета што денеска на мечот не покажавме многу повеќе. Јас ѝ се извинувам на публиката за овој голем пораз. Тоа е моја грешка бидејќи јас го водам тимот и јас ги избирам фудбалерите. Не се играчите виновни, јас сум виновен бидејќи згрешив во некои работи. Жал ми е за навивачите, затоа што дојдоа во поголем број, навиваа од срце во текот на целиот натпревар“, изјави Чедомир Јаневски по синоќешниот натпревар.
Вардар во следниот натпревар од Лигата на Европа на втори ноември ќе гостува кај Реал Сосиедад.

Најнови вести