25.10.2017 Гвардиола вината ја најде во топката
Фудбалерите на Манчестер сити едвај се пласираа во четврт-финалето на Лига купот (Карабао) по изведувањето на пеналите, а менаџерот Пеп Гвардиола за слабиот настап ја обвини топката.
Сити избегна бламирање против Вулверхемтпон (0-0) благодарение на импресивните интервенции на голманот Клаудио Браво во серијата пенали.
Гвардиола по натпреварот изјави дека квалитетот на топката е неприфатлив за професионалниот фудбал.
„Извини Карабао куп, но ова не е сериозна топка за сериозно натпреварување. Премногу е лесна, постојано се движи. Не е добра топка. Невозможно е да се постигне гол со таква топка, а тоа го кажувам бидејќи победивме. Ова не е оправдување, сите играчи се прашуваа со што играле. Нема тежина, ништо. Го разбирам маркетингот, парите, но е неприфатливо. Не се во прашање само натпревар, два, туку година или две. Сите играчи се жалат“, изјави Гвардиола.
Натпреварите од Лига купот се играат со топките од произведувачот „Митре“, а тие се користат и во три англиски пониски лиги (Шампионат лигата, Лига 1, Лига 2).
Од друга страна, во Премиер лигата се користи топка од компанијата „Најки“, која е технички спонзор на Манчестер сити, со кого има договор вреден 20 милиони фунти годишно.
Топката „Ордем V“ на „Најки“ од Премиер лигата чини 99 фунти, „Митре Делта ЕФЛ“ од Лига купот чини 115. Според меѓународниот правилник, фудбалската топка мора да биде тешка од 400 до 450 грама.
Во преостанатите пет натпревари од осминафиналето на Лига купот коишто се одиграа вчера постигнати се 18 погодоци.