Корисничко име Лозинка Пријави се
28.10.2017

Монтела пред дербито: Сакам оган на теренот!

Винченцо Монтела, тренерот на Милан, изјави дека денешниот дерби-натпревар со Јувентус би можело да биде клучен во сезоната.

Клубот од „Сан Сиро“ по четири натпревари без триумф во Серија А, во минатото коло го совлада Киево со 4-1 и во добро расположение ќе го дочека големиот ривал.
„Во Верона заискри оган, а против Јувентус сакам да видам вистински пожар! Тимот има квалитет и гледам дека расте. Ајде да ги победиме! Овој натпревар може да биде пресвртна точка за цела сезона. Може да нè подигне во сите аспекти“, изјави Монтела.
„Ни треба совршена партија, плус малку среќа, бидејќи Јувентус е комплетна екипа. Тие на хартија се непобедлив тим бидејќи се шесткратни последователни шампиони. Но дербито секогаш е посебна приказна. Имаме шанса да ја играме нашата игра и фудбалерите едвај чекаат“, додаде тренерот на Милан.
Претходните седмици се шпекулираш дека Монтела поради лошите резултати ќе добие отказ. Но, тоа не му влијаело нему.
„Никогаш не ме погодувале написите во медиумите. Имав некои камчиња во чевлите, но за среќа, носам удобни чевли и се чувствувам добро во нив. Знам што мислат за мене во управата на клубот. Се надевам дека веќе околу Божиќ ќе бидеме на место кое води во Лигата на шампионите“, изјави Монтела.
Леонардо Бонучи, долгогодишниот столб на одбраната на Јувентус, направи трансфер во Милан, но тука не е ниту сенка од оној играч од претходните неколку сезони. За несреќа (или можеби среќа) на домашниот тим, со оглед на слабите игри, отслужува казна поради црвен картон, па нема право на настап против поранешниот клуб.
Дербито меѓу Милан и Јувентус се игра денес, со почеток од 18 часот. Сите влезници за натпреварот се продадени, па стадионот „Сан Сиро“ ќе биде исполнет до последното место.

Најнови вести