28.10.2017 Реал прв гостува во независна Каталонија
Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, изјави дека неговите играчи ќе се сконцентрираат само на фудбалот и нивната игра во првенствениот натпревар против каталонската Хирона.
Реал утре, од 16.15 часот ќе игра против Хирона и тоа ќе му биде прво гостување на кралскиот клуб во Каталонија од почетокот на кризата, која вчера прогласи независност.
Каталонскиот парламент прогласи независност, по што Сенатот на Парламентот на Шпанија го одобри предлогот Владата да ја преземе контролата над покраината, а тие мерки предвидуваат и промена на каталонската влада.
Реал, кој се смета за симбол на шпанското општество, презеде мерки на безбедност пред патувањето, вклучувајќи го и тоа што играчите нема да ги вози клупскиот автобус.
„Ќе го играме нашиот фудбал и нема да мислиме на други работи. Ништо нема да барам од навивачите. Ние размислуваме за натпреварот. Се надеваме дека ќе биде добар меч и ништо повеќе од тоа“, изјави Зидан.
Тој додаде дека играчите не се загрижени за нивната безбедност во Хирона, градот кој се наоѓа 99 километри североисточно од Барселона.
„Не сме загрижени за Каталонија, безбедноста ќе биде каква што била секогаш“, додаде Зидан.
Шпанските медиуми шпекулираа дека натпреварот би можело да биде откажан поради моментната политичка ситуација, но тие наводи ги отфрли управата на Хирона.
„Тоа е фудбалски натпревар и уверени сме дека ништо нема да се случи. Реал Мадрид ќе биде убаво дочекан и почитуван. Тоа за нас е историски натпревар. Тоа ќе биде прв пат Реал да игра на нашиот стадион во првенството“, изјави Делфи Гели, претседателот на Хирона.