30.10.2017 Зидан: Загубивме поради недостаток на концентрација
Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид, по поразот од Хирона, изјави дека не е загрижен за шансите не неговиот тим да ја освои титулата, а за разочарувачкиот неуспех го обвини лошиот ден.
Реал Мадрид на гостувањето во Каталонија изгуби од Хирона со 2-1 по пресвртот и го доживеа вториот пораз во сезоната, па сега заостанува дури со осум бодови зад првопласираната Барселона.
„Денес неочекувано изгубивме три бода, но тоа ништо не менува. Ние знаеме дека можеме да направиме пресврт во нашата форма, нè чекаат подобри денови, а и останатите тимови ќе губат бодови во текот на сезоната. И понатаму нè чека голема работа, а јас не сум загрижен“, изјави тренерот на Реал.
Зидан потоа го одбрани неговиот играч Каземиро, кого многумина го критикуваа поради лошиот натпревар.
„Јас не се согласувам дека игравме лошо вчера. Сите играчи се трудеа, но пропуст имавме во деталите – првиот гол го примивме по аут, вториот гол по одбивање. Причина за тоа е недостатокот на концентрација, а не недостаток на труд. Хирона играше добро, директно, брзо и доаѓаше до ничии топки“, изјави Зидан.
Тој додаде дека Рафаел Варан излегол од игра поради повреда, но не детализираше пред средбата со Тотенхем која ги очекува во Лигата на шампионите.