Корисничко име Лозинка Пријави се
02.11.2017

Тотенхем го растури Реал, Сити во осминафиналето

Фудбалерите на Тотенхем го декласираа Реал Мадрид со 3-1 на „Вембли“ и изборија пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите на две кола пред крајот на групната фаза.

Деле Али беше двократен стрелец, мрежата на кралскиот клуб ја погоди и Кристијан Ериксен, додека Кристијано Роналдо го ублажи дебаклот на шампионот на Европа во неговото деби на „Вембли“.
Во другиот натпревар од групата Х, АПОЕЛ ѝ одолеа на Борусија и во Дортмунд со 1-1, со што дополнително ги оддалечи „милионерите“ од другата фаза на натпреварувањето бидејќи имаат пет бодови помалку од Реал во групата.
Во другото дерби на вечерта, Манчестер сити по пресвртот го совлада Наполи со 4-2 на „Сан Паоло“. Четиринаесеттата последователна победа на „граѓаните“ ја режираа Николас Отаменди и Џон Стоунс, но победата ја донесе Серхио Агуеро по контранападот.
Сити со четвртата победа го обезбеди осминафиналето, додека во последните две кола ќе се бори за првото место во групата Ф со Шахтар.
Украинците со експресен пресврт го совладаа Феенорд со 3-1, со двата одлични гола на Марлос, репрезентативецот на Украина роден во Бразил, и ја презедоа втората позиција со три бода пред „наполитанците“.
Во групата Е, Ливерпул во второто полувреме го сруши Марибор и победи со 3-0 и покрај промашениот пенал. Словенечкиот шампион со овој пораз ги изгуби сите шанси да се пласира во осминафиналето.
Во другиот натпревар од групата, Севилја го совлада Спартак со 2-1 и го презеде второто место со два бода повеќе од клубот од Москва пред последните две кола.
Во групата Г, Порто го совлада Лајпциг со 3-1 на „Драгао“ во директниот дуел за втората позиција. Португалскиот гигант го престигна германскиот дебитант, има два бода повеќе и истовремено го спречи Бешикташ уште во ова коло да избори пласман во осминафиналето.

Најнови вести