Корисничко име Лозинка Пријави се
02.11.2017

Зидан: Загрижен? Не, моите играчи се шампиони

Зинедин Зидан, тренерот на Реал од Мадрид, изјави дека смета дека неговата екипа не е во криза и покрај лошите резултати и лошите партии во последно време.

Актуелниот шампион на Европа во четвртото коло од групната фаза на Лигата на шампионите на „Вембли“ беше поразен од Тотенхем со резултат 3-1, додека во Примера лигата има осум бодови помалку од водечката Барселона.
„Мислам дека не сме изгубен тим. Можеби ни недостасува смиреноста која секогаш сме ја имале во завршницата, а кога имате две шанси, морате да постигнете два гола. Мораме да мислиме на заостанувањето од три бода зад Тотенхем и за следните два дуели во групата“, изјави Зидан.
Французинот додаде дека сезоната е долга и дека премногу е рано да се донесуваат заклучоци.
„Имавме свои шанси, но не успеавме да ги реализираме. Многу сме разочарани. Му честитам на Тотенхем“, додаде тренерот на Реал.
На прашањето за причините за поразот, Зидан не даде конкретен одговор.
„Можеби не сме сите на исто ниво, но се случуваат вакви работи. Криза? Не сме во криза. Анализа на играта? Секогаш ме прашувате дали сум загрижен, но не сум. Ниту ќе бидам. Игравме против тим кој беше подобар од нас и поразот е нормална работа. Имаме искусна екипа, моите играчи се шампиони и по двата последователни порази, верувам дека ќе ги свртиме работите“, изјави Зидан.
Реал Мадрид во недела, од 20.05 часот, во 11-тото коло на првенството на Шпанија ќе го дочека Лас Палмас.

Најнови вести