Корисничко име Лозинка Пријави се
02.11.2017

Вардар пред тежок тест на гостувањето кај Реал Сосиедад

Македонскиот шампион Вардар вечерва ќе гостува кај Реал Сосиедад во четвртиот натпревар од Лигата на Европа.

Вардар имаше разочарувачки настап во првите три кола од Лигата на Европа, а најразочарувачки одигра во дуелот со Реал Сосидад во Скопје, каде што прими шест гола.
Денес, на стадионот „Аноета“ фудбалерите на Чеде Јаневски ќе имаат шанса да се обидат да покажат повеќе од досега прикажаното.
Македонскиот шампион се наоѓа во криза, има големи порази во Лигата на Европа, а во домашното првенство во последните три кола освои само еден бод.
„Сакаме на последните три меча од Лига Европа да се прикажеме во подобро светло. Пред нас е тежок натпревар, но се надеваме дека со позитивен пристап и желба ќе дојдеме до еден добар резултат“, изјави Чеде Јаневски.
 „Јасно е дека сме во криза, но овие мечеви можат да имаат позитивно влијание. Нема да се предадеме, сакаме да го поправиме лошиот впечаток кој го оставивме на првиот натпревар против Реал Сосиедад“, додаде тренерот на македонскиот шампион.
Вардар во квалификациите играше одлично, имаше фантастични партии, но откако се пласира во Лигата на Европа, како да е друг тим. Сега нема борбеност, дисциплина и жар во играта. Иако сега изгледа како невозможна мисија да се освои бод на гостувањето кај Сосиедад, сепак фудбалерите на Вардар можат да му дадат голем отпор на противникот и да одиграат многу подобро за да ги израдуваат навивачите.
Натпреварот меѓу Реал Сосиедад и Вардар се игра вечерва, од 21.05 часот.

 

Најнови вести