Корисничко име Лозинка Пријави се
06.11.2017

Гвардиола: Не сакам споредби со Барселона и со Баерн

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека е задоволен од напредокот на неговиот тим во последните два месеца, но дека не сака сите да го потсетуваат на успесите коишто ги остварил со поранешните клубови.

Гвардиола освои 14 трофеи за четири сезони во каталонскиот клуб и седум за три години во редовите на „баварците“, но со „граѓаните“ сè уште не дошол до ниту еден. Сити минатата сезона заврши на третото место во Премиер лигата, а во ФА купот беше поразен во полуфиналето.
Избраниците на шпанскиот стручњак новата сезона ја почнаа во доминантен стил, а благодарение на вчерашната победа над Арсенал со 3-1, ја зголемија нивната предност на табелата во однос на Манчестер јунајтед и Тотенхем. Покрај тоа, „граѓаните“ обезбедија место во нокаут-фазата на Лигата на шампионите бидејќи по четири одиграни кола, имаат максимален учинок.
„Не можеме да негираме дека последните два месеца беа одлични, победивме на сите натпревари што ги игравме, а да се направи тоа во толкав временски период е исклучително тешко. Поради тоа и сум презадоволен. Но, во минатото Барселона и Баерн освојувале трофеи, а ние не освоивме ниту еден. Сè додека не подигнеме некој трофеј, не сакам потсетување на тоа. Но, поради начинот на којшто играме, не можеме да негираме дека играме добро. Постигнуваме голем број голови, сега имавме три, а создаваме голем број шанси“, изјави Гвардиола.
Сити последната титула ја освои во 2014 година, а предноста ја зголеми и поради поразот на Јунајтед од Челзи со 1-0. Бранителите на титулата на тој начин им се приближија на „црвените ѓаволи“, па сега имаат само еден бод помалку од нив.
Во Премиер лигата сега следува пауза поради репрезентативните обврски, а Сити наредниот натпревар го игра на гости кај Лестер на 18-ти ноември и тогаш ќе има шанса да ја продолжи неговата низа на триумфи, која трае 15 натпревари.

Најнови вести