Корисничко име Лозинка Пријави се
07.11.2017

Хрватите без Бадељ, на Грците десеткувана одбраната

Повредите им создаваат главоболки на селекторите на Хрватска и на Грција пред двомечот од баражот на квалификациите за Светското првенство 2018 година.

Златко Далиќ, селекторот н Хрватска, нема да може да смета на Милан Бадељ, играчот за врска на Фиорентина, кој го повреди бутниот мускул минатата недела во Серија А.
Потврдено е дека Бадељ ќе ги пропушти двата дуела меѓу Хрватска и Грција во борбата за пласман на Мундијалот во Русија следната година.
Освен тоа, неизвесен е и настапот на клучниот напаѓач Марио Манџукиќ, кој минатиот викенд почувствувал болка во задниот дел на бутниот мускул.
Со прегледот било утврдено дека нема структурални оштетувања, но прашање е дали напаѓачот на Јувентус ќе биде сто отсто подготвен за големиот напор претстојниот викенд.
Од друга страна, големи проблеми има и Михаел Скибе, селекторот на Грција, бидејќи по Костас Манолас (суспендиран) и Петрос Манталос (предниот вкрстен лигамент), можеби нема да може да смета ниту на третиот стопер Сократис Папастатопулос.
Дефанзивниот играч на Борусија Дортмунд се повреди во дербито со Баерн минатиот викенд, мораше да го напушти теренот уште во 42-рата минута од натпреварот.
Папастатопулос има проблеми со глуждот, па поради тоа Скибе повика два нови дефанзивни играчи за двомечот со Хрватска, Мариос Оиконому од СПАЛ и Димитрис Коловециос од Панатинаикос.
Првиот натпревар меѓу Хрватска и Грција на програмата е во четврток, на „Максимир“ во Загреб, а реваншот се игра три дена подоцна во Пиреја, на „Јоргос Караискакис“.
Во преостанатите натпревари од баражот ќе играат Северна Ирска и Швајцарија (четврток), Шведска и Италија (петок) и Данска против Ирска (сабота).

Најнови вести