Корисничко име Лозинка Пријави се
11.11.2017

Мане го одведе Сенегал на Мундијалот

Фудбалерите на Сенегал ја победија Јужна Африка во гости со 2-0 и на едно коло пред крајот обезбедија пласман на Светското првенство во Русија наредната година.

Оние коишто го гледале Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја 2002 година се сеќаваат на Ел Хаџи Диуф и Папа Буба Диоп. Уште од нивната генерација Сенегалците чекаат пласман на Светското првенство, а претходниот пат кога учествуваа, уште на стартот ја шокираа Франција со 1-0. Предводник на новата генерација е Садио Мане, играчот на Ливерпул.
Мане беше најзаслужен за победата во Полокване, а единствениот кој пред 15 години играше на Мундијалот во Азија, следната година ќе оди на уште едно Светско првенство, но овој пат Алиу Сисе тоа ќе го направи како селектор.
Првиот гол е дело на Дијафра Сако во 12-тата минута. Мане фантастично асистираше, а Сако убаво ја постави ногата и ја испрати топката во противничката мрежа. Мане во 39-тата минута не успеа да постигне погодок, но по неговиот удар и одбраната на Куне, топката од Мхизе се одби во мрежата и Сенегал до крајот ја сочува предноста и победи.
Сенегалците во вторник на домашен терен против Јужна Африка ќе играат натпревар без притисок бидејќи имаат 11 бодови, пет повеќе од Буркина Фасо, а еднаков број бодови имаат и Зелено’ртските Острови. Домаќините на предминатиот Мундијал, Јужноафриканците се последни во групата со четири бода.

Најнови вести